Русинот Данил Медведев го совлада Американецот Стив Џонсон со 6:4/6:4 во финалето на Винстон-Сејлем опен за да ја освои својата втора титула во кариерата пред стартот на САД опен во совршена недела.
22-годишниот Медведев ги освои сите 12 сета во Северна Каролина и не загуби брејк во полуфиналето и финалето на турнирот, по што изјави дека едвај го издржал првиот меч на турнирот поради жештината.
„Беше толку топло, толку влажно и не ми се веруваше дека ќе можам да направам нешто. Од почетокот си мислев дека ова не е мојот турнир. Навистина лудо“, изјави Медведев.
На Конектикат опен пак, младата Белорусинка Арина Сабаленка ја освои својата прва ВТА титула, откако со 6:1/6:4 ја совлада Шпанката Карла Суарез Наваро во финалето. 20-годишната Сабаленка ќе скокне на 20. место на ВТА-листата откако стана најмладата шампионка во Њу Хејвен по Каролине Вознијацки во 2010 година.
„Чувството е фантастично да се држи првиот трофеј во рацете. Сега ќе работам уште повеќе и се надевам дека ќе покажам уште подобар тенис“, изјави Сабаленка.
За Белорусинката ова беше трето финале во кариерата, откако лани загуби од Марија Шарапова во Тијанџин, а оваа година во финалето во Истбурн беше поразена токму од Вознијацки.