И покрај кризата со повреди во Манчестер јунајтед, „ѓаволите“ успеаја да стигнат до важни три поени со 0:2 победа кај Нотингем форест за враќање на третото место на табелата по вчерашниот пораз на Њукасл од Астон вила. Клучен човек на Ерик Тен Хаг овојпат беше толку критикуваниот Антони, кој имаше гол и асистенција.
По повредите на Маркус Рашфорд, Лисандро Мартинез и Рафаел Варан, пред стартот на мечот на загревање се повреди и Марсел Забицер, по што Кристијан Ериксен беше стартер на „Сити граунд“, а во одбраната беше старото дуо Хери Мегваер и Виктор Линделоф.
Почетниот притисок на гостите не донесе гол пред 32. минута, кога Антони Марсијал имаше одличен обид, а одбиената топка, Антони ја смести во мрежата. Нотингем не се предадоа, а исто така сметаа дека се оштетени со две играња на рака во шестнаесетникот (на Мегваер и Диого Далот), но не успеаја да израмнат. Точка на мечот стави Диого Далот во 76. минута од мечот, кога Антони имаше одлична асистенција и дефинитивно беше најдобриот на теренот.
Јунајтед се трети со 59 поени, три пред Њукасл и шест пред Тотенхем. Нотингем се во зоната на испаѓање на 18. место со 27 поени, колку што имаат и Евертон пред нив.