Top Sport

„Дерби дела Мадонина“ во ЛШ – Традицијата е на страната на Милан

Серија А по пауза од шест години ќе има финалист во Лигата на шампионите. Јувентус во 2017 година загуби во финалето од Реал Мадрид (4:1).

За место во финалето, кое годинава ќе се одигра во Истанбул, ќе се борат Милан и Интер.

Актуелниот шампион на Италија, Милан, во четвртфиналето го елиминираше Наполи (1:0, 1:1), додека Интер беа подобри од Бенфика (2:0, 3:3).

Интер стигна до полуфиналето на Лигата на шампионите за прв пат по 2010 година кога го освои ова натпреварување. Истото важи и за Милан, последен пат во полуфиналето играа во 2007 година, а подоцна и ја освоија титулата.

Градските ривали, во Лигата на шампионите два пати се сретнале во нокаут-фазата. Во 2003 година играа во оваа фаза. Првиот меч заврши 1:1, а вториот 0:0, а Милан влезе во финалето благодарение на голот што го постигна кога Интер беше домаќин. Во финалето Милан на пенали го победи Јувентус.

Милан и Интер играа во четвртфиналето во 2005 година. Тогаш Милан надмоќно избори место во полуфиналето, со победите од 2:0 и 3:0.

Годинава домаќин на првото „Дерби дела Мадонина“ ќе биде Милан на 10 мај, шест дена подоцна домаќин ќе биде Интер.

Scroll to Top