Top Sport

Тотенхем ќе му врачи отказ на Стелини

Челниците на Тотенхем ја разгледуваат можноста да го отпуштат привремениот менаџер Кристијан Стелини, дознава „Атлетик“.

Стелини, му беше асистент на Антонио Конте, а откако тој доби отказ ја прифати понудата да биде привремен менаџер. Стелини не успеа да ја одигне формата на тимот и да го подобри резултатите. Со него на клупата Тотенхем забележа само две победи на девет натпревари во сите натпреварувања.

Кулминацијата се случи во неделата, кога Њукасл го демолираше тимот од главниот град со резултат 6:1.

Серијата разочарувачки резултати го стави Тотенхем во неповолна положба во битката за местата кои водат во Лигата на шампионите. Момците на Стелини се на петтото место со 53 бодови од 32 натпревари, додека четвртопласираниот Манчестер Јунајтед има шест бода повеќе од само 30 одиграни натпревари.

Членовите на одборот се појавија во тренинг центарот во понеделникот наутро за да разговараат за можноста за раскинување на договорот со Стелини, кој првично требаше да го води првиот тим до крајот на сезоната.

Доколку Италијанецот добие отказ, тимот најверојатно ќе го води Рајан Мејсон – поранешен играч и привремен менаџер на Тотенхем.

Scroll to Top