Top Sport

Формирана е Унија на европски клубови

Европските фудбалски клубови кои се чувствуваат маргинализирани од богатите клубови од Лигата на шампионите, Европската фудбалска унија (УЕФА) и Европската клупска асоцијација (ЕKА) денеска во Брисел ја основаа Унијата на европски клубови (УЕК).

Лансирана во Брисел, каде што ќе има седиште, УЕК има намера да им „даде глас“ на околу 1.400 клубови кои не се застапени во сегашното владеење на континенталниот фудбал, бидејќи не играат во ниедно од трите европски натпреварувања, објасни еден од нејзините претставници, експертот за спортски маркетинг, Вилијам Мартучи.

Оваа нова структура со нејасни контури, која нема ниту менаџерски тим, ниту статути, при своето претставување најави регистрација на околу четириесетина клубови од 25 земји, пренесува агенцијата АФП.

Унијата на европски клубови (УЕК) се претставува како „социјален партнер“ на организациите на играчите и навивачите и како дополнување на Европската асoцијација на клубови (ЕКА).
„Не се работи за замена на ЕЦА, туку за обезбедување противтежа на влијанието што големите клубови го имаат врз управувањето и финансиите на европскиот фудбал преку ЕКА. Новата група има за цел да добие места во телата за одлучување на УЕФА“, уверува специјалистот за спортско право, Катарина Пијетловиќ.

Ниту УЕФА ниту ЕКА засега не го коментираат доаѓањето на овој нов играч во фудбалот, додека двете структури заеднички водат профитабилни европски клупски натпреварувања.
ЕКА, која е родена во 2008 година и сега има повеќе од 300 клубови членки, исто така има договор со ФИФА, кој го покрива и меѓународниот календар и надоместокот за клубовите кои ги ослободуваат своите репрезентативци за натпреварите на националните тимови.

Шесткратниот освојувач на Лига Европа, Севилја и англискиот премиерлигаш Кристал Палас засега се најпознатите членови на новата асоцијација.

Scroll to Top