Лидерот Струга Трим Лум се зацврсти на врвот на табелата во Првата фудбалска лига откако го победи Тиквеш на домашен терен со 2:0 во 29.коло од шампионатот. Мартин Давков во петтата минута си постигна автогол, а Бунјамин Шабани во 51.минута го потврди триумфот на стружани.
Шкендија не успеа да слави во Тетово против Силекс играјќи без голови. Со тоа ги намали своите шанси за титулата, со оглед дека сега Струга ТЛ му бега пет бода.
Шкупи на Чаир убедливо славеше против Брегалница со 3:0. Сандеј Адетунџи беше двоен стрелец, во 17. и во 63.минута, а третиот гол беше дело на Фреди Алварез во 74.минута.
Македонија ЃП го победи Скопје со 2:1. Филип Мишевски постигна убав гол за водство во петтата минута, а Емир Скендери беше стрелец на вториот погодок во 60.минута. Гостите постигнаа почесен погодок во судиското продолжение.
Академија Пандев триумфираше против Победа со 2:0. Голманот Дарко Тофилоски доби црвен картон на почетокот на вториот дел, а Кристијан Велиновски не реализира пенал. Сепак, домашните фудбалери успеаја да постигнат два гола во продолжението од мечот.