Top Sport

Вардар сака победа на сите дуели во СЕХА лигата

Според традицијата сезоната во СЕХА лигата ќе започне со македонското дерби меѓу Вардар и Металург. Дуелот е на програмата в среда, во СЦ „Јане Сандански”, од 20:45 часот.

Пресметката во првото коло, во СЕХА конкуренцијата, ќе биде веќе второто соочување на овие две екипи од почетокот на сезоната. Пред две недели, Вардар, го доби дуелот во Суперкупот на Македонија со 33:24.

„Се извинувам што не можам на првата прес-конференција да зборувам на македонски. Уште не сум подготвен за да зборувам добро, но за еден месец ќе можам да го направат тоа. Стартуваме во СЕХА лигата со натпреварот против Металург. Имаме проблеми со неколку ракометари. Играме повторно со тим кој е наш стар ривал. Не сме во најдобар момент бидејќи не сме комплетни, но нашата стратегија е на секој натпревар да одиме на победа”, вели Роберто Гарсија Парондо, тренерот на Вардар.

Предводникот на „црвено-црните“, проговори и за дуелот во Струга, кога неговите играчи лесно се справија со Металург.

„Одигравме добра средба со Металург во Струга во Супер купот. Сега ситуацијата е поинаква и ова е сосема друг натпревар. Го почитуваме противникот и го респектираме, но нашата цел ќе биде да одиме на победа на секој натпревар, вели Парондо.

Вардар во дербито ќе влезе без капитенот Стојанче Стоилов и средниот бек Игор Карачиќ.

фото: rkvardar.mk

Scroll to Top