Во 33. коло од Премиер лигата, Арсенал доживеа тежок пораз на гостувањето кај Манчестер Сити, директениот конкурент во борбата за титулата. Сити славеа победа со 4:1 и на тој начин направија голем чекор кон одбрана на титулата.
Арсенал има два бода повеќе од Сити, но „граѓаните“ имаат два натпревари помалку од нив.
Тренерот на Арсенал, Микел Артета по натпреварот истакна дека победата на Сити е апсолутно заслужена.
„Загубивме од подобар тим, тоа е сигурно. Тие беа извонредни, а кога се такви, многу е тешко да се достигне нивното ниво. Не бевме ни блиску до нашето најдобро ниво денес, особено во првото полувреме. Тие секогаш знаат да го казнат тоа. Доминираа, а ние не можевме да се справиме“, изјави Артета и додаде.
„Ова е многу тешка ноќ. Но, мораме да ги кренеме главите и да ја погледнеме пошироката слика. Да бидам искрен, неверојатно е дури и да се бориме рамноправно со ваков тим. Сакаме да продолжиме да се бориме и нема да се предадеме. Се може да се случи на пет натпревари до крајот. Тука сум повеќе од 20 години и видов многу, па мораме да веруваме. Тешко е денес, но мораме да прифатиме дека денеска загубивме од извонреден тим“.