Катарскиот шеик Јасим бин Хамад Ал-Тани му понуди на американското семејство Глејзер пет милијарди фунти за стопроцентна сопственост на Манчестер Јунајтед. Доколку понудата биде прифатена и тој стане нов сопственик на клубот, се обврза веднаш да инвестира дополнителни 800 милиони фунти за подобрување на клупската инфраструктура, поточно тренинг кампот Керингтон и стадионот „Олд Трафорд“. Тоа е инвестиција од вкупно 6,5 милијарди евра.
Семејството Глејзер го продава Манчестер Јунајтед по 18 години, но сѐ уште не одлучило дали тоа да го направи целосно или делумно. Главни конкуренти за купување на клубот, кој и покрај тоа што десет години нема освоено англиска титула и 15 години европска титула, сепак е многу атрактивен, се катарските шеици, како и Џим Ретклиф, кој важи за најбогат Британец.
За разлика од Ал-Тани, кој сака да биде единствен сопственик на клубот, Ретклиф сака да купи контролен пакет од 50 проценти и да стане претседател. Аврам и Џоел Глејзер би задржале 20 отсто од акциите, додека останатите 30 отсто би ги држеле различни групи. Вака Ретклиф сака да ги поттикне Глејзерови да ја изберат неговата понуда бидејќи тоа би им овозможило да останат во клубот и да заработуваат од него.
Но, шеикот Јасим бин Хамад Ал-Тани нуди сосема поинаков модел на откуп, што го бараат навивачите на Јунајтед. Тие инсистираат на еден шеф, а бидејќи Хамад Ал-Тани знае дека фановите се многу поблиску до неговиот модел, за да ги привлече уште повеќе и да изврши дополнителен притисок врз семејството Глејзер, вети три суперѕвезди доколку му дозволат да го купи клубот. Тоа се Килијан Мбапе, Кингсли Коман и Едуардо Камавинга.
Семејството Глејзер ја отпочна стратегијата за излез од клубот пред пет и пол месеци. Конкурентите за преземање досега доставија по три понуди, но американските сопственици на англискиот гигант сѐ уште не одлучиле кому и за колку ќе го продадат клубот.