Првиот човек на Евролигата, Дејан Бодирога за „Јурохупс“ објасни зошто четвртиот натпревар меѓу Партизан и Реал Мадрид не е одложен.
Србија вчера ја потресе огромна трагедија, кога 13-годишно момче уби осум ученици и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“.
Првиот од трите дена жалост е в петок, а според Бодирога, Владата на Србија донела одлука натпреварот да се игра в четврток од 20:30 часот.
„Оваа национална трагедија донесе неверојатна тага кај српскиот народ. За жал, во моментов во Србија националната жалост е над сѐ друго. Сепак, Владата на Република Србија донесе одлука дека може да се игра. Партизан исто така сакаше да игра, а Евролигата не можеше да донесе поинаква одлука, без конкретно барање за одложување на натпреварот. Многу сум тажен и сакам да изразам сочувство до семејствата на жртвите, сега ни е тешко да размислуваме за кошарка“, изјави Бодирога.
Натпреварот ќе започне со едноминутно молчење, додека за време на натпреварот нема да има музика.
„Грoбари“ пред почетокот на натпреварот ќе им оддадат почит на настраданите во трагедијата пред „Арената“, додека играчите на Партизан ќе настапат во комплетно црна опрема.