Спортскиот директор на Наполи, Кристијано Џунтоли и шефот на скаут службата на новокрунисаниот шампион на Италија, Маурицио Микели, од следната сезона ќе бидат во Јувентус. Така, „старата дама“ ги „ограби“ ривалите од југот, земајќи им ги клучните луѓе задолжени за спортската политика на клубот, кои имаат огромни заслуги за шампионската титула.
Наполи загуби неколку клучни играчи како Лоренцо Инсиње и Калиду Кулибали во текот на летото, но тимот стана поконкурентен и покрај тоа. Најголема заслуга за тоа имаат Џунтоли и Микели, кои ги направија одличните трансфери на Квича Кварацкелија и на Ким Мин-Јае, а претходно доведоа играчи како Виктор Осимен, Франк Замба-Ангиса, Елиф Елмас…
Наводно, Џунтоли и покрај добрата работа немал добри односи со сопственикот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, што секако придонело за разделбата. Постои можност неговото доаѓање во Торино да значи и отказ за тренерот Масимилијано Алегри.