Ерлинг Халанд е прогласен за играч на сезоната во англиската Премиер лига.
За најдобар фудбалер во сезоната гласаа навивачите, капитените на тимовите и специјално формираната стручна комисија, а најмногу гласови очекувано освои напаѓачот на „граѓаните“.
Покрај Халанд, за наградата беа номинирани и Маркус Рашфорд, Кевин де Брујне, Хари Кејн, Мартин Одегард, Букајо Сака и Киран Трипие.
Неверојатниот норвешки напаѓач го предводеше Манчестер Сити до шампионската титула во својата прва сезона, постигна 36 гола и забележа осум асистенции. Овие бројки ќе има можност да ги поправи во последното колу, во недела, против Брентфорд.
Халанд оваа сезона собори голем број рекорди во Англија и светот, но секако вреди да се напомене дека стана играчот со најмногу голови во една сезона во Премиер лигата.
Досега тој рекорд со 34 гола го држеа Енди Кол и Алан Ширер, со тоа што тоа го направија кога сезоната имаше 42 натпревари, за разлика од денешните 38.
Норвежанецот е третиот по ред член на Манчестер Сити кој ја добива престижната награда, лауреат лани беше Рубен Диас, а пред тоа Кевин Де Брујне.