Возачот на Џамбо-Висма, Примож Роглич, триумфираше на претпоследната етапа на Џиро и со тоа дојде на чекор од триумф на првиот Гранд Тур сезонава.
Словенечкиот велосипедист, денешната хронометарска етапа, од Тарвиси до Монте Лусари, долга 18,6 километри, ја заврши со предност од 40 секунди пред Гераинт Томас од Инеос. На овој начин за 14 секунди ја презеде розовата маица од Велшанецот, на кого на последното искачување му падна синџирот.
Роглич в недела ќе испише нови страници од историјата, бидејќи ќе стане првиот Словенец кој ќе слави на Џиро, а за тоа ќе треба да стигне до целта во Рим. За него тоа ќе биде четврти трофеј на најголемите трки во светот, бидејќи претходно три пати беше најдобар на Вуелта, во периодот од 2019 до 2021 година.
На патот до еден од најголемите успеси во кариерата, Роглич имаше голема поддршка, бидејќи илјадници Словенци дојдоа да го испратат последниот хронометар. Тоа беше и логично, бидејќи етапата се возеше недалеку од границата меѓу Италија и Словенија.
Роглич на претпоследната етапа стигна до победа со време од 44:23 минути, 40 секунди пред Томас, додека трет беше Жоао Алмеида од Емирати. По првите тројца следеа Дамијано Карузо, Тибо Пино и Сеп Кус.