Капитенот на Реал Мадрид, Карим Бензема, се наоѓа пред историска одлука да го напушти „кралскиот клуб“ и да ја прифати неверојатната понуда од 400 милиони евра за двегодишен договор за да заигра во првенството на Саудиска Арабија. Шпанските медиуми пишуваат дека клубот е свесен за неговото заминување и дека веќе ги проценува опциите за засилување на напаѓачката позиција.
Реал Мадрид има две опции. Првата е веднаш да купи реномиран напаѓач, кој сигурно ќе чини над 100 милиони евра, а втората е да се одлучи за некој поевтин, кој би послужил како решение до следното лето кога Ерлинг Халанд и Килијан Мбапе би станале пореални опции.
Списокот на можни решенија за реномиран напаѓач се сведе на три имиња и тоа Душан Влаховиќ, Гонсало Рамош и Хари Кејн. „Кралевите“ се најзаинтересирани за англискиот репрезентативец за кого Тотенхем бара 115 милиони евра и е многу поотворен за идејата да го продаде на странски клуб отколку на некој од премиерлигашките ривали.
Планот на Реал Мадрид е ова лето да го доведе Кејн, а следното да го доведе и Килијан Мбапе и заедно со Винисиус Жуниор да создаде ново фантастично трио во нападот.