Top Sport

(ВИДЕО) Двојна круна за Манчестер Сити во Англија: Гундоган го реши Јунајтед за трофеј во ФА купот

Манчестер Сити стигна до двојна круна во Англија, откако на шампионскиот трофеј го придодаде и пехарот во ФА купот. Во финалето на „Вембли“, граѓаните го совладаа градскиот ривал Манчестер Јунајтед со 2:1. Двоен стрелец за тимот на Пеп Гвардиола беше Илкај Гундоган.

Германецот успеа да погоди по само 13 секунди, откако го фати Де Хеа „на спиење“ со удар од далечина.

Манчестер Јунајтед израмни од пенал во 33.минута. По прегледување на ВАР снимката беше утврдено дека Џек Грилиш играше со рака во шеснаесетникот, а Бруно Фернандеш беше успешен реализатор.

Сепак, во вториот дел, Илкај Гундоган повторно погоди со удар од далечина во 51.минута. Јунајтед притисна во завршницата, шанса за израмнување имаа Скот Мектоминеј и Рафаел Варан, но одбраната на Сити ја расчисти опасноста.

Манчестер Сити има шанса и за тројна круна, со оглед дека на 10 јуни ќе игра и во финалето на Лигата на шампионите против Интер во Истанбул.

Scroll to Top