Тоа што до неодамна изгледаше како фантазија, сега се оствари. Лионел Меси е нов играч на Интер Мајами, американскиот МЛС клуб во сопственост на Дејвид Бекам, одбивајќи стотици милиони долари за преселба во Саудиска Арабија, но и опција да се врати во својот „единствен“ клуб Барселона и наместо тоа решавајќи се за живот во САД.
Шпекулациите за можна преселба во Саудиска Арабија со понуда од над милијарда евра почнаа веднаш откако неговиот вечен ривал, Кристијано Роналдо си замина од Манчестер јунајтед за кариера во Ал-Наср, а откако Ал-Итихад го „грабна“ и Карим Бензема, сите сметаа дека Меси, како најголема ѕвезда е следен.
Но, преселбата во САД можеби не е и толку изненадувачка. Во 2020, кога Меси се бунтуваше против Барселона и претседателот Жозеп Марија Бартомеу, почнаа шпекулациите дека тој сака да го пресели семејство во САД. Таму веќе беше неговиот сонародник и пријател, Гонзало Игуаин, кој неколку пати го повикуваше Меси да дојде на југот на Флорида, каде што северноамериканската култура е целосно помешана со јужноамериканската. Тоа што веќе имаше купено ексклузивен апартман во Мајами, само ги зголемуваше шпекулациите.
Меси тогаш одлучи да остане уште една сезона во Барселона, а кога договорот му заврши, а каталонскиот клуб не беше способен да му понуди нов договор, тој отиде во ПСЖ. Две француски титули подоцна, но и по свирежите од публиката и општото незадоволство, Меси реши дека е време за промена.
Парите кои ќе ги заработуваше на Блискиот Исток, секако, беа огромни, но ниту во САД тој нема да остане без приходи. И покрај ограничувањето на платите со селери-кап кој постои во МЛС, комерцијалните партнери на американската лига, „Епл“ и „Адидас“ наводно му нудат спонзорски договори кои ќе му носат пристоен приход.
Без притисок на „разгалените“ фанови како во Париз, без големи очекувања во било кој европски тим, и без обновување на ривалството со Роналдо, Меси се одлучи за „лагоден“ живот на Флорида во последните години од неговата кариера со опција да стане и делумен сопственик на клубот.
Дали погреши и дали ќе придонесе за „бум“ на американската лига, останува да видиме…