Карло Анчелоти уште еднаш потврди дека и наредната сезона ќе го предводи Реал Мадрид. Реал, вчера го заврши најскапиот трансфер во клупската историја, за 134.000.000 евра од Борусија Дортмунд го донесе Џуд Белингем.
Анчелоти за шпанските медиуми направи пресек на сезоната, која Реал ја заврши на второто место во Примера и го освои Купот на Шпанија. Во Лигата на шампионите испадна во полуфиналето.
Во интервјуто, Анчелоти „удри“ по американските челници на неговиот поранешен клуб Милан, поради отказот што го доби Паоло Малдини.
„Во Мадрид научив како да ја почитувам историјата на клубот. Тука сè уште се грижат за имињата на Ди Стефано, Пушкаш, Амансио или Хенто. Како да се тука, со нас. Тие и понатаму се од голема важност за клубот, имаме голема почит кон нив. За да ја заштитите историјата, треба да го заштитите сеќавањето на минатото. Она што се случи со Малдини покажува недостаток на историска култура и почитување на традицијата на Милан. Во ред, вистина е дека историјата не носи нови победи, но исто така историјата не учи како да победиме“.