Манчестер Сити и Интер од 21 часот ќе играат во Финалето од овосезонското издание на Лигата на шампионите на стадионот „Ататурк“ во Истанбул. Англискиот клуб е фаворит во натпреварот во кој ќе се обиде да ја освои првата европска шампионска титула, додека италијанскиот тим ја брка четвртата титула во ова натпреварување.
Натпреварот за ЕСПН требаше да го коментира поранешниот напаѓач на Интер, Бразилецот Адријано. Сепка тоа нема да се случи. Како што пишува „А Бола“, Адријано го пропуштил летот за Истанбул.
Според овој извор, Адријано истата вечер отишол на дури три забави во Рио де Жанеиро и поради тоа го пропуштил авионот за Истанбул. ЕСПН веднаш го раскинале договорот со него.
Ова не е невообичаено за Адријано, поради непрофесионалноста тој си ја уништи и фудбалската кариера.
Да потсетиме, Адријано неодамна на Инстаграм објави дека се обложил на Интер во финалето на Лигата на шампионите. Тимот на Пеп Гвардиола е јасен фаворит, но тоа не го поколеба Бразилецот да плати 10 илјади бразилски реали, што е приближно 1900 евра за победа на Интер.
Пензионираниот бразилски фудбалер најубавите денови во кариерата ги помина во Интер. Таму во пет сезони одигра 177 натпревари, постигна 74 гола и го доби прекарот Император.