Во првиот натпревар од финалната плејоф серија на АБА лигата, Партизан пред повеќе од 18.000 гледачи во „Штарк Арена“ ја совлада Црвена Звезда со 88:80 и поведе со 1:0 во победи.
Црвена Звезда вечерва беше ослабена со неиграњето на повредениот Вилдоза, а за Партизан не настапи и заздравениот Аврамовиќ иако беше во составот.
Првото полувреме го одбележа речиси перфектниот шут на Партизан од поле, одлични проценти и за два и за три поени, а во овој поглед се истакнаа двајца играчи – капитенот Кевин Пантер и Зак Ледеј. „Црно-белите“ обезбедија убедливи 20 поени предност на полувремето (56:36).
Црвена Звезда се обиде да се врати, намали на едноцифрена разлика во финишот мечот, дојде и на -5 со тројката на Бен Бентил, но, сепак, триумфот му припадна на Партизан.
Ледеј со 24, Пантер со 19 и Смаилагиќ со 11 поени беа најдобри во тимот на Партизан, додека Звезда ја предводеа Добриќ со 17 поени и шест скока, Кампацо со 15 и Петрушев со 11 поени.