Пари Сен-Жермен ги комплетираат преговорите со поранешниот тренер на Барселона и ексшпански селектор, Луис Енрике да го наследи Кристоф Галтие на клупата, тврди „Л’екип“ по прекинот на преговорите со Јулијан Нагелсман, и неуспешниот обид да го привлечат Микел Артета.
Според францускиот весник, ПСЖ почнале преговори со Нагелсман и со Енрике во исто време, а спортскиот директор Луис Кампос и газдата на клубот, Насер Ал-Хелаифи го преферирале Шпанецот. Тие додаваат дека Кампос преговарал и со Микел Артета, но тој веднаш одбил, додека други во планот на ПСЖ биле тренерот на Болоња, Тијаго Мота и тренерот на Порто, Сержо Консеисао.