Актерите Рајан Рејнолдс и Роб Мекелени, кои станаа познати за фудбалските фанови како нови газди на велшкиот фудбалски клуб Рексам, влегуваат во уште еден спорт, откако купија 24 отсто од акциите на францускиот Ф1 тим, Алпин.
Алпин, кој е тим во сопственост на францускиот гигант Рено, и има седиште во Енстоун, потврдија дека актерите платиле 157 милиони фунти заедно со американски конзорциум, во кој е вклучен уште еден холивудски актер, Мајкл Б. Џордан. Рејнолдс и Мекелени го купија Рексам во 2021 година, кога клубот беше во петтата англиска лига, за оваа година да ги вратат во четвртата лига, Лига 2, првпат по 15 години. Нивниот пат со Рексам е одбележан со серија на Дизни.
Алпин, под фабричкото име Рено, освои две титули во 2005 и 2006 со Фернандо Алонсо, но сега се далеку од водечкото трио во Формула 1 со Ферари, Мерцедес и Ред бул. Тие завршија на четвртото место минатата сезона, а оваа сезона зад воланот се француското дуо, Естебан Окон и Пјер Гасли.