Хаос! Со овој збор најлесно може да се опише состојбата во Фудбалскиот сојуз на Данска и националниот тим ден пред пријателскиот натпревар против Словачка во Трнава и пет дена пред првиот меч во Лигата на Нации против Велс.
Проблемот што се појавил помеѓу Фудбалскиот сојуз ј Асоцијацијата на професионалните фудбалери, се однесува на распределбата на парите од комерцијалните права. Сојузот, бара од играчите да го потпишат новиот договор, додека играчите сакаат да биде продолжен стариот договор.
Во авионот кој вчера отпатувал за Трнава биле само новинарите, на аеродромот во Копенхаген, не се појавил ниту еден фудбалер, а селекторот Аге Харејде решил да „земе“ одмор, што дополнително ја отсликува сериозноста на целата ситуација.
Данска во овој момент нема ниту репрезентација, ниту селектор.
Сојузот, вчера се обидел некако да ја амортизира целата ситуација, на помалку бизарен начин.
„Сите што имаат желба да играат за репрезентацијата нека биде на аеродромот најдоцна до 15 часот“, гласел повикот упатен до фудбалерите што настапуваат во Првата лига на Данска.
Никој не го прифатил повикот бидејќи играчите од елитната дивизија се членови на Асоцијацијата на професионални фудбалери.
Потоа бил упатен уште еден повик, а тој се однесувал на играчите што играат во Втората и Третата лига, но и тие решиле да ги поддржат репрезентативците.
„Се надевам дека постојат фудбалери што ќе сакаат да и помогнат на својата репрезентација, во ситуација кога се обидуваме да избегнеме жестока казна од УЕФА, со која сме соочени доколку на договорените натпревари не ја го испратиме националниот тим“, напишал во писмото до јавноста директорот на Сојузот, Ким Халберг.
Доколку Данаска не ги одигра натпреварите против Словачка и Велс, УЕФА веројатно нема да и дозволи да игра во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година.