Холивудскиот актер Бред Пит ќе има своја гаража на патеката Силверстон за време на овонеделната трка за Големата награда на Британија во Формула 1.
Пит започнува да го снима својот филм токму на легендарната патека. Тој ќе ја игра улогата на постар возач кој се враќа од пензија за да се бори против почетник на патеката.
Се уште не е познато за што точно се работи во филмот, но ликот на Пит се вика Сони Хејс, а неговиот тимски колега Џошуа Пирс ќе го игра Демсон Идрис.
Познатиот актер ќе биде зад воланот на модифициран Формула 1 болид, кој всушност е модел на Карлин од Формула 2 стилизиран со помош на Мерцедес. Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон, продуцент на најавениот филм, помага околу сценариото на проектот, за тој да биде автентичен.
Снимателите ќе го следат Пит во текот на целиот викенд, а тие сцени ќе бидат искористени во филмот. Неговото учество за време на тркачкиот викенд на Силверстон нема да влијае на распоредот за Големата награда на Британија. Планирано е Пит заедно со другите актери во претстојниот филм да снима сцени на уште некои трки оваа сезона.