Легендарниот германски фудбалер, Мирослав Клосе, не крие дека го шокирала одлуката на Сергеј Милинковиќ-Савиќ, кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија. Во изјава за италијанските медиуми, Клосе истакна дека СМС на 28 години може да игра во кој било клуб во Европа.
Познатиот германски голгетер Мирослав Клосе (45) и поранешен напаѓач на Лацио вели дека за него е неразбирлива одлуката на Сергеј Милинковиќ-Савиќ (28) да потпише за Ал Хилал од Саудиска Арабија во неговите најдобри фудбалски години.
Мирослав Клосе, кој играше со Сергеј една година во Лацио, вели ги разбира Карим Бензема или Кристијано Роналдо кои се на залезот од своите кариери, но не ја разбира одлуката на СМС, кој до неодамна имаше понуди од најсилните европски клубови.
„Гледав 20 минути натпревар од саудиската лига и не би можел да оценам на кое ниво се во моментов. Сепак, она што го гледам е дека многу играчи одат таму. Бензема и Кристијано Роналдо веќе заминаа. Со оглед на нивната возраст тоа е разбирливо. Што се однесува до Сергеј ситуацијата е малку поинаква. Според мене не требаше да го повлече оој потег. Мислам дека Англија или Шпанија повеќе би му одговарале, но тоа е негова одлука и мораме да ја почитуваме“, изјави Мирослав Клосе за италијанските медиуми.
Ал Хилал, вчера го официјализираше трансферот на Сергеј Милинковиќ-Савиќ од Лацио. Клубот заработи 40.000.000 евра Според информациите од Блискиот Исток, српскиот фудбалер ќе заработува 30 милиони евра по сезона, а потпишал тригодишен договор.