Top Sport

Родригез победи на 14. етапа на Тур д’Франс

Шпанскиот велосипедист Карлос Родригез е победник на 14. етапа на Тур д’Франс.

Велосипедистот на тимот на Инеос Гренадиерс триумфираше на етапата долга 152 километри од Анемас до Морзине Ле Порт ду Солеј.

Тоа беше прва етапна победа на 22. годишниот Шпанец во познатата трка, а на целта стигна за 3:58,45 часа.

Втори и трети беа најголемите фаворити на трката Тадеј Погачар и Јонас Винегор со по пет секунди заостанување. Четврти беше Ендру Јејтс, а петти Сеп Кус.

Сите погледи беа вперени во битката меѓу Погачар и Винегор, но на последниот ридски финиш, Словенецот погреши и му дозволи на Винегор да оди пред него, што му донесе дополнителни секунди бонус.

Така Данецот ја зголеми предноста пред Погачар за секунда во генералниот поредок.

Разликата сега е десет секунди во корист на бранителот на титулата, но се уште ништо не е решено бидејќи остануваат уште седум етапи.

Трет во генералниот поредок е Карлос Родригез, кој заостанува 4 минути и 43 секунди зад Винегор.

Следната етапа се вози во недела од Ле Же Ле Порт до Жан Жерве Мон Блан во должина од 179 километри.

Scroll to Top