Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкараз ќе се сретнат во финалето на Вимблдон за титулата најдобар на најпознатиот тениски турнир. Финалето на лондонскиот гренслем започнува во 15 часот, а доколку победи Ѓоковиќ може да собори голем број рекорди.
Победникот од мечот следната недела ќе стартува како најдобар тенисер на АТП ранг-листата и ќе го зголеми бројот на освоени гренслем титули. Доколку Алкараз победи, тоа ќе биде втора ваква титула за шпанскиот тенисер, кој беше победник на УС Опен во 2022 година, додека Ѓоковиќ би продолжил да ги поместува границите со титулата.
Српскиот тенисер веќе е рекордер по бројот на освоени гренслем титули, а евентуален триумф на Вимблдон би бил негова 24. ваква титула. Рафаел Надал има 22, а Роџер Федерер 20.
Доколку успее да ја освои 24. гренслем титула, Ѓоковиќ ќе го израмни апсолутниот тениски рекорд. Имено, исто толку освои Маргарет Корт, во периодот од 1960 до 1973 година.
Понатаму, Ѓоковиќ денеска ќе игра против 15 години и 348 дена помлад тенисер во своето 35. гренслем финале и со тоа уште еднаш ќе се запише на страниците на тениската историја. Тој во моментов е израмнет со Крис Еверт со 34 настапи во натпреварите за титулата на гренслем турнирите.
Доколку го победи Алкараз, Новак Ѓоковиќ ќе се изедначи по бројот на титули на Вимблдон со Роџер Федерер. Легендарниот Швајцарец осум пати ја освојуваше титулата.
Исто така, Ѓоковиќ, роден на 22 мај 1987 година, би можел да го собори рекордот на Федерер и да стане највозрасен тенисер со титулата во Лондон.
Победата му носи и рекордна 390. недела на врвот на АТП-листата.