Пол Погба не е сигурен дали ќе остане во Манчестер јунајтед и по јануарскиот преоден рок, откако цело лето го поврзуваа со заминување од Англија и трансфер во Барселона.
25-годишниот Французин е во конфликт со менаџерот Жозе Мурињо и по поразот од Брајтон оваа сезона инсистираше дека противниците се подобро подготвени од нив, додавајќи дека ако каже „што навистина мисли“ ќе биде казнет.
Сега, во интервју за „Скај спорт Германија“, Погба призна дека може да замине уште во јануари, а Барселона се подготвени да плататат 111 милиони евра за него.
„Мојата иднина во овој момент е во Манчестер, уште имам договор, играм таму, но кој знае што ќе се случи во следните неколку месеци“, изјави Погба.
Тој исто така зборуваше за односите со Мурињо, инсистирајќи дека двајцата имаат чисто професионален однос.
„Имаме чист однос фудбалер-тренер, и така треба да биде. Но, верувајте, секогаш ќе давам 100 отсто без разлика на тоа кој е тренер на Јунајтед. Тоа е сѐ што можам да кажам“, додава Погба.