Шефот на Формула 1, Стефано Доменикали вели дека тие тимови кои го прекршиле ограничувањето на буџетот минатата сезона треба да добијат строги казни, откако германскиот „Ауто мотор унд спорт“ објави дека два тима го надминале ограничениот буџет.
Ограничувањето на буџетот во Формула 1 беше воведено во 2021 година, по што минатата сезона, Ред бул беа казнети со 7 милиони долари и 10 отсто помалку време на тестирање во воздушен тунел откако потрошија 2 милиони долари повеќе од предвиденото. Ред бул тврдеа дека ова ќе има значително влијание на нивниот развој на болидот, пред да победат на сите 10 трки досега оваа сезона.
„Казната мора да биде спортска ако има сериозно прекршување, ние го побаравме тоа многу јасно. Има три регулативи кои мораат да се почитуваат – спортските, техничките и финансиските. Секое прекршување мора да биде казнето со спортски мери“, изјави Доменикали.
Според Светската автомобилистичка федерација (ФИА), написите на „Ауто мотор унд спорт“ се неосновани бидејќи процесот на утврдување на трошоците за 2022 уште не е завршен.
„Ауто мотор унд спорт“ тврди дека главниот начин на кој тимовите се обидуваат да најдат „дупка“ во правилата е со ангажирање на инжинери кои работат на дополнителни проекти, како развој на тркачки бродови, велосипеди или улични автомобили, а тие инженери потоа помагаат со работа во Ф1 тимовите.