Андре Онана, 27-годишниот голман на фудбалската репрезентација на Камерун, е новиот голман на Манчестер Јунајтед, официјално објави клубот од „Олд Трафорд“. Онана дојде во Манчестер Јунајтед од Интер и потпиша петгодишен договор. Трансферот е вреден 51 милион евра со дополнителни четири милиони евра преку бонуси.
На голот на Манчестер Јунајтед, Онана ќе го замени Шпанецот Давид де Хеа, кој не го продолжи договорот со клубот во кој дојде пред 12 години.
„Да се приклучам на Манчестер Јунајтед е неверојатна чест и работев напорно цел живот за да стигнам до овој момент, надминувајќи многу пречки на патот. Излегувањето на Олд Трафорд за да го бранам голот и да придонесам за тимот ќе биде уште едно неверојатно искуство. Ова е почеток на ново патување за мене, со нови соиграчи и нови амбиции за кои треба да се борам“, изјави Андре Онана.
Андре Онана помина низ фудбалската школа на Барселона и ја стекна својата репутација како голман на Ајакс, каде бранеше од 2016 до 2022 година. Потоа се пресели во Интер каде што остана кратко, но минатата година беше еден од најдобрите играчи на миланскиот клуб на патот до финалето на Лигата на шампионите.
Тој во кариерата забележа 34 настапи за репрезентацијата на Камерун.
That’s his name 👇@AndreyOnana is United! 🔴#MUFC
— Manchester United (@ManUtd) July 20, 2023