Грчките медиуми пренесуваат дека УЕФА одлучила да им забрани на гостинските навивачи да доаѓаат на очекуваните први натпревари од третото прелиминарно коло во Лигата на шампионите. Станува збор за натпреварите АЕК – Динамо Загреб и Панатинаикос – Марсеј. Дуелите се на програмата на 8. и 9. август во Атина.
Имено, АЕК и Марсеј ги очекуваат победниците од двојките Динамо – Астана (прв натпревар 4:0) и Днипро – Панатинаикос (1:3) во третото прелиминарно коло од ЛШ. Со оглед на резултатите од првите натпревари, јасно е дека Динамо и ПАО се на чекор до следната рунда.
Тоа значи дека за само два дена во Атина би се одиграле два натпревари од највисок ризик и дека за кратко време би имало вкупно четири групи ултраси, познати по инцидентното однесување.
Дополнителен проблем создава фактот што тие се меѓусебно поврзани. Навивачите на Динамо и Панатинаикос се збратимени, како и оние на АЕК и Марсеј. Ова речиси гарантира судири меѓу спротивставените навивачки сојузи.
Јасно е дека оваа ситуација претставува организациски и безбедносен кошмар за градските власти во Атина.
Грците наведуваат дека УЕФА веќе донела одлука да им забрани на навивачите на Динамо и Марсеј да присутвуваат на овие натпревари. Според овие извори, УЕФА наредната недела ќе ја соопшти одлуката, кога Динамо и Панатинаикос ќе ги одиграат реваншите од второто коло во Лигата на шампионите.