Top Sport

Клоп: ФИФА и УЕФА мора да најдат решение за Саудијците

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, ја изрази својата загриженост за штетните последици од заминувањето на играчите во Саудиска Арабија и ги повика фудбалските власти „да најдат решение“.

Во Сингапур, кадe неговиот тим ќе одигра пријателски натпревар со Баерн Минхен, Клоп изјави дека влијанието на Саудиска Арабија во моментов е „масовно“.

„Најлошото е што преодниот рок во Саудиска Арабија трае три недели подолго отколку во Европа. ФИФА и УЕФА мора да најдат решение за тоа“, изјави Клоп.

Од почетокот на годината во Саудиска Арабија се преселија бројни фудбалски ѕвезди, меѓу кои и Кристијано Роналдо и Карим Бензема.

Бразилскиот играч за врска Фабињо во понеделникот стана третиот играч на Ливерпул кој се пресели во Саудиска Арабија ова лето, по Џордан Хендерсон и Роберто Фирмино.

„Тоа секако има влијание врз нас. Мораме да научиме да управуваме со тоа“, додаде Клоп.

Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел, исто така зборуваше за ефектите од трансферите на саудиските клубови и тоа го поврза со примерот на кинеската лига од пред неколку години.

„Можеби е сосема слично на она што се случи кога Кина ја започна својата лига. Имаше слична „златна треска“, а сега гледаме уште еден шампионат кој се обидува да стане попопуларен и познат. Малку е рано за јасно мислење“, изјави Тухел, дефинирајќи се себеси како „изненаден набљудувач“ на актуелната ситуација.

 

Scroll to Top