ФИФА покрена истрага по обвинувањата за сексуална злоупотреба во репрезентацијата на Замбија за време на Светското првенство за жени што се одржа во Австралија и Нов Зеланд. ФИФА најави строги казни доколку истрагата покаже дека обвиненијата се основани.
Неколку медиуми објавија дека тренерот на Замбија, Брус Мвепе, наводно допирал една од фудбалерките по градите пред мечот со Костарика. Тој е обвинет за сексуална злоупотреба, но ФИФА не соопшти детали од истрагата.
„Можеме да потврдиме дека обвинението што го добивме се однесува на репрезентацијата на Замбија и дека истрагата е во тек. Секое тврдење за несоодветно однесување го сфаќаме многу сериозно и постои јасна процедура за пријавување на такви случаи“, соопшти ФИФА.
Од Фудбалскиот сојуз на Замбија соопштија дека не добиле никаква пријава, ниту од фудбалерката, ниту од некој друг член на делегацијата што отпатува на Светското првенство.
„Бевме изненадени кога слушнавме за наводното несоодветно однесување на тренерот, за што „Гардијан“ објави во текст на својот онлајн портал“, изјави генералниот секретар на Фудбалската асоцијација на Замбија, Рубен Каманга, додавајќи дека сите тренинзи на тимот се снимени.