Поранешниот светски шампион Фабио Квартаро е бесен на Јамаха и полека го губи трпението чекајќи конкурентен мотор.
Французинот се мачеше многу минатиот викенд на Силверстон и заврши на разочарувачкото 15. место. Стартуваше од последната позиција, успеа да се пробије до седмата, но откако Марк Маркез невнимателно имаше контакт со него тој падна на 15. позиција.
Во изјава за „Аутоспорт“ вели дека му е преку глава од тимските ветувања.
„На тестот во Мизано сакам да добијам доказ. Имаат еден месец. Јамаха три години ми ветуа. Ветувањата се испишани во ПДФ документ на десет страници, од тие десет досега не исполнија девет и пол.
Не сакам да гледам што е напишано. Она што сакам да го видам е мотор во Мизано, бидејќи тој мотор треба да го возам во 2024 година. Само така ќе знам дали Јамаха сака во иднина да возам за нив“, изјави Квартаро.
Тој не крие дека сака да остане во тимот.
„Јамаха е приоритет. Им верувам и им дадов шанса, втора нема да има“, предупреди популарниот „Ел Диабло“.