Суперѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах е главната мета на амбициозниот саудиски клуб, Ал-Итихад, кој не планира да се откаже од амбициозниот план да го донесат Египќанецот во финишот на летниот преоден рок, тврдат повеќе арапски и англиски медиуми.
Ал-Итихад веќе го привлекоа Фабињо од „Енфилд“ ова лето, а ги донесоа и Н’Голо Канте од Челси и Карим Бензема од Реал Мадрид. Првата понуда била одбиена од Ливерпул, но сега клубот е подготвен за преговори поради високите суми кои се споменуваат, а и самиот 31-годишен Салах е заинтересиран, иако првично сметал сезоната 2023/24 да ја помине со „црвените“.
Салах помина шест сезони за сеќавање во тимот на Јирген Клоп, постигнувајќи 187 гола во 307 настапи и освојувајќи ги титулите од Премиерлигата, Лигата на шампиони, ФА купот и УЕФА Суперкупот. Тој има договор до 2025 година.