Искусниот американски центар Брајант Данстон од следната сезона ќе го носи дресот на италијанскиот евролигаш Виртус, официјално потврдија од клубот од Болоња.
Данстон (37) доаѓа во редовите на Виртус од Анадолу Ефес. Дресот на турскиот тим, Данстон го носеше од 2015 година. Со Ефес два пати ја освои Евролигата.
Тој е еден од најдобрите дефанзивни центри во својата генерација, а ги освои и наградите за најдобар одбранбен играч на ЕЛ во 2014 и 2015 година. Пред да дојде во Ефес, тој играше за корејски Мобис Фибус, Арис, Бнеи Херцлија, Хапоел Холон, Варезе и Олимпијакос.
Пред Данстон, тимот на Серхио Скариоло во тековниот преоден рок потпиша со Бруно Масколо, Ахиле Полонара, Давонте Кук, Огњен Добриќ и Џејлен Смит.