Со победата од 0:1 против Селта со голот на Џуд Белингем во 81. минута, Реал Мадрид го задржа перфектниот ефект и по третото коло од Ла Лига. Сепак, тренерот Карло Анчелоти беше лут по победата. Причината за ова е што Лука Модриќ не го изведе пеналот за Реал во 68. минута, туку му го препушти на Родриго.
Бразилецот изнуди удар од белата точка, но потоа брилијантно му го одбрани Иван Виљар, голманот на Селта.
„Позната е хиерархијата на изведувачите на пенали. Винисиус е прв, а Модриќ е втор. Бидејќи Вини излезе повреден порано, а Модриќ беше во игра, тогаш Лука мораше да го изведе пеналот. Тој го знае тоа и мораше да го изведе, Сепак, тој му го препушти на Родриго. Не знам зошто Модриќ тоа го дозволи бидејќи не само што знае дека тој е изведувачот, туку и пред пеналот му кажав дека мора да шутира. Играчите не одлучуваат кој го изведува пеналот, јас го правам тоа!“, изјави Анчелоти.
Новинарите реагираа на изјавата на Анчелоти и прашаа дали е лут на Хрватот.
„Лут сум, и тоа многу. Затоа што пеналот мораше да го изведе Модриќ и тој го знае тоа. Повторувам, хиерархијата е позната, а овојпат му кажав на Модриќ и преку Валверде дека тој треба да го изведе пеналот. Не знам зошто не го направи тоа, но сигурно ќе разговараме за тоа во наредните денови“, истакна тренерот на Реал Мадрид.