Менаџерот на Тотенхем, Анге Постекоглу, изјави дека клубот сигурно ќе продаде еден голман во преодниот рок, со што го најави заминувањето на францускиот интернационалец Хуго Лорис.
„Едноставно не можете да имате играчи колку што сакате. Има список и тешко дека ќе имаме тројца голмани на конечниот список за шампионатот“, изјави Постекоглу на прашањето за иднината на Лорис во клубот.
Летниот преоден рок во Англија завршува на 1 септември, а сите клубови од Премиерлигата се обврзани до 13 септември да достават конечна листа од 25 играчи (над 21 година).
Тотенхем моментно има 31 играч на возраст над 21 година, па клубот би можеле да го напуштат и Ерик Даер, Тангуј Ндомбеле или Пјер-Емил Хојбјерг.
Хуго Лорис не беше во составот за првите два натпревари во Премиерлигата. За лондонскиот клуб на двата натпревари бранеше Италијанецот Гиљелмо Викарио, а во тимот беше и Фрејзер Форстер.