Top Sport

Контадор: Армстронг и Пантани беа моите идоли

Алберто Контадор, популарниот „Ел пистолеро“ стави крај на својата кариера оваа година, како еден од ретките велосипедисти кои остварија победи на сите големи трки.

34-годишниот велосипедист од Мадрид победи на Тур де Франс двапати (2007, 2009), на Џиро ДИталија двапати (2008,2015) и на Вуелта Еспања трипати (2008, 2012, 2014) во 14-годишната кариера и сега во интервју за „АС“ зборува за почетоците во спортот и тоа кој му бил неговиот идол во велосипедизмот.

„Велосипедот го заскав преку мојот татко. Започнав подоцна од вообичаеното, бидејќи сакав да играм фудбал, да бидам атлетичар. Мојот татко сакаше само фудбал и поради него сум навивач на Реал Мадрид. Одев постојано со него во барови да ги гледаме натпреварите, а велосипедизмот го засакав откако мојот постар брат донесе видео во кое имаше многу велосипедски трки. Тогаш започна љубовта кон велосипедот“, вели Контадор.

Шпанецот исто така открива дека ги чува сите велосипеди со кои се натпреварувал.

„Имам еден вид музеј за моите велосипеди, со 42 или 43 велосипеди од целата кариера. Победничките маички би требало да ги побарам, но тука се велосипедите“, вели Контадор.

Секој почнува со идолите во спортот, а за Контадор тоа биле двајца велосипедисти.

„Кога бев мал сите ме викаа Пантани по Марко Пантани бидејќи ги сакав нагорнините. Марко Пантани и Ленс Армстронг беа идолите. Пантани го гледав најмногу. Ги анализирав сите негови видеа, но јас сакав да победам на Тур де Франс и затоа се концентрирав на Армстронг. Потоа бев колега со него и во тимот не се знаеше кој е лидер. Беше тешко“, вели Контадор.

Scroll to Top