Top Sport

Валдано: Европа со години се однесуваше како Саудиска Арабија

Хорхе Валдано (67) го освои Светското првенство со Аргентина во 1986 година, додека како напаѓач на Реал Мадрид двапати беше шпански првак и двапати европски првак во периодот од 1984 до 1987 година и еднаш го освои Купот на Шпанија.

Легандарниот Аргентинец откако замина во пензија, меѓу другото, беше тренер, спортски директор и извршен директор на Реал Мадрид.

Тој во интервју за „Ла Насион“ ја коментира работата на саудиските клубови кои пред се во летниот преоден рок донесоа бројни фудбалски ѕвезди, привлекувајќи ги со огромни понуди кои повеќето европски клубови не можат или не сакаат да ги платат.

„Европа не смее да заборави дека во последните 20 години се однесуваше како Саудиска Арабија. Ги зеде сите таленти од другите континенти. Сега се појави конкурент кој има пари и го сака фудбалот“, изјави Валдано, кој смета дека Саудиска Арабија и Катар не можат да се споредат.

„Арабија не е Катар, Арабија го сака фудбалот иако нема традиција“, додаде Валдано.

Тој се осврна и на младите играчи кои ги ставаат парите на прво место, пред развојот на спортската кариера, односно освојувањето трофеи со најдобрите европски клубови.

„Тоа е удар за фудбалот. Лесно е да се разберат Кристијано Роналдо и Карим Бензема кога заминуваат по пари, но замина и Габри Веига, а тој е голем талент. Фудбалерите се откажуваат од славата за пари”, прокоментира Валдано.

Scroll to Top