Претседателот на Пари Сен-Жермен, Насер Ал-Хелаифи одговори на критиките на неговиот поранешен фудбалер, Нејмар и на поранешниот спортски директор Леонардо, велејќи дека сега во Париз има „единство“.
Нејмар, кој токму Ал-Хелаифи го направи најскапиот фудбалер во историјата со трансферот од 222 милиони евра од Барселона, неодамна изјави дека тој и Лионел Меси „преживеле пекол“ во Париз поради односот на навивачите и огромните очекувања од клубот. Неговиот сонародник Леонардо исто така го критикуваше ПСЖ, тврдејќи дека Нејмар, Меси и Килијан Мбапе немале никаква поддршка од клубот.
„Килијан Мбапе е неверојатен играч и фантастична личност. Во тимот на ПСЖ никогаш немало такво единство, на теренот и надвор од него. Тоа го видовм минатиот викенд со 4:1 победата кај Лион. Имаме фантастичен тренер во Луис Енрике и спортски директор во Луис Кампос и пресреќен сум од обновениот дух кој владее со клубот. Оваа година, во новиот циклус на ПСЖ, нема да се фокусираме на резултатите, туку на перформансите и стилот на игра. Ако го направиме тоа, резултатите сами ќе дојдат. Некои забораваат дека во последните четири години игравме во едно финале и во едно полуфинале во Лигата на шампиони“, вели Ал-Хелаифи.