Белоруската тенисерка Арина Сабаленка од денеска и официјално е прва на ВТА листата. Сабаленка, во саботата не успеа да ја освои титулата на Ју-ес опен, доживеа пораз во финалето од Коко Гоф.
Првпат од април 2022 година на чело на ВТА листа не е Ига Швјонтек, која по Отвореното првенство на Америка падна на втората позиција со 1.071 бод помалку од Сабаленка.
Трета во светот од денеска е Коко Гоф, што е и нејзин најдобар пласман во кариерата, а четврта е Елена Рибакина, како единствена во Топ 10 која ја задржа својата позиција од претходната ВТА листа.
Џесика Пегула е на петтото место, а потоа следат Маркета Водроушова, Унс Џабир, Каролина Мухова, Марија Сакари и Каролина Гарсија.
Највисоко рангирана македонска тенисерка и понатаму е Лина Ѓорческа. Таа напредуваше за седум позиции и се наоѓа на 226. место во светот.