Познатиот германски фудбалски тренер, Феликс Магат изјави дека би сакал да ја предводи репрезентацијата на Европското првенство следната година.
Германската фудбалска репрезентација моментално е без селектор, бидејќи пред неколку дена Ханси Флик доби отказ по поразот од Јапонија на пријателски натпревар.
„Панцерите“ во вторникот вечерта ја победија Франција со 2:1, а германскиот тим на овој меч го предводеше спортскиот директор Руди Фелер.
„Итно треба да најдеме некој кој повторно ќе го состави овој растурен тим, кој не е во состојба да го достигне својот потенцијал. Во неколку ситуации однесов тимови од дното до средината на табелата, а некои дури и до врвот во Бундеслигата. Мислам дека тоа е она што и треба на Германија во овој момент“, рече Магат.
Германските медиуми пренесуваат дека најголем кандидат за тренер е поранешниот тренер на Баерн, Јулијан Нагелсман.
Се очекува новиот селектор на „панцерите“ да биде назначен до крајот на септември, бидејќи Германија во октомври ќе одигра пријателски натпревари со Мексико и САД.