Рома на Жозе Мурињо, конечно, влезе во ритам, и во четвртиот меч од новата сезона во Серија А ја забележаа првата победа, декласирајќи ги Емполи со 7:0 за радост на „Олимпико“.
Пауло Дибала донесе предност по само две минути со гол од пенал, за веќе во осмата минута да биде 2:0 со голот на новото засилување Ренато Санчес. Во 37. минута Алберто Граси си даде автогол за 3:0 и најава на катастрофата на гостите.
Во 55. минута, Брајан Кристанте му асистираше на Дибала, кој постигна прекрасен гол за 4:0, за самиот Кристанте во 80. минута да зголеми на 5:0. Најновото засилување на „волчицата“, Ромелу Лукаку во 82. минута да го постигне својот првенец во новиот клуб за 6:0, пред Џанлука Манчини во 88. да ги постави конечните 7:0.
Додека за Рома ова е прва победа по два порази и едно реми, Емполи останува закован на последното место на табелата со нула поени од четири меча и без ниту еден постигнат гол.