Top Sport

Мартин е крал на спринт трките – Шпанецот победи во Индија

Хорхе Мартин победи на првата спринт трка на патеката „Буда“ во Индија. Возачот на Прамак Дукати, победи пред лидерот во шампионатот Франческо Бањаја и ја намали неговата предност во вкупниот поредок на 33 поени.

Хорхе Мартин, уште еднаш оваа сезона потврди дека е класа за себе во спринт трките. Во Индија ја забележа четвртата спринт победа оваа сезона.

Возачот на Прамак, трката ја започна од втората позиција, го искористи инцидентот меѓу возачите на ВР46, во првиот свиок влезе како прв и водството го задржа до крајот.

Бањаја го освои второто место, но се чини дека актуелниот шампион не форсираше премногу. Како трет заврши Марк Маркез на Репсол Хонда. Четвртото место му припадна на Бред Биндер од КТМ.

Најдобриот на тренинзите и во квалификациите Марко Бецеки го освои петтото место. Младиот возач на ВР46 имаше одлична трка, откако по инцидентот со колегата Лука Марини од првото падна на 15.место. Марини удри во мотоциклот на Бецеки откако доцна кочеше на влезот во првиот свиок.

Бодово во спринтот освоија и Фабио Квартараро (Јамаха), Џек Милер (КТМ), Маведрик Виљалес (Априлија) и Раул Фернандез (Крипто Дата).

Утре со почетокот во 14 часот ќе се вози трката за Големата награда на Индија, прва во историјата на Мото ГП.

Foto/ EPA

Scroll to Top