Жозе Мурињо е под договор со Рома до крајот на актуелната сезона и римскиот клуб почна да му бара замена. Фаворит за наследник на Мурињо е Антонио Конте, пренесуваат италијанските медиуми.
Рома имаше лош почеток на сезоната и по седум првенствени кола има само осум бода и се повеќе се зборува и пишува дека Мурињо би можел да го напушти клубот на крајот од сезоната. Одлуката за заменикот се уште не е донесена, но Конте се смета за најверојатна опција.
Италијанецот е без работа по неговото ненадејно заминување од Тотенхем, при што ги нарече своите играчи себични и го означи клубот како губитник. Конте беше желба на Рома и во 2019 година, а се претпоставува дека не би прифатил работа за плата помала од седум милиони евра.
Конте, поранешниот селектор на Италија, го предводеше Интер до титулата во Серија А, а трипати Јувентус. Со Челзи беше и шампион во Премиер лигата.