Килијан Мбапе успеал да го „вџаши“ Јулијан Дракслер во Пари Сен-Жермен толку многу што Германецот смета дека тој и Нејмар се убедливо најдобрите фудбалери на светот.
Мбапе стана вистинска суперѕвезда по освојувањето на титулата со Франција во Русија ова лето, откако претходно двапати го освои францускиот шампионат, прво со Монако, а потоа и со ПСЖ. Оваа сезона, 19-годишниот Мбапе има четири гола во три настапи во Лига 1, иако доби суспензија поради црвениот картон на последниот меч.
„И покрај неговата возраст, присуството на теренот е неверојатно. Тој ја бара топката и ја организира играта. Не сум видел такво нешто. Покрај Нејмар, тој е најдобриот фудбалер на светот“, вели Дракслер.
Токму поради добрата форма на Мбапе и Нејмар, Дракслер немаше многу место во првиот состав на ПСЖ, одигрувајќи само 32 минути, но Германецот е подготвен да се бори за место под неговиот сонародник Томас Тухел.
„Париз е амбициозен клуб и конкуренцијата е на највисоко ниво, посебно на мојата позиција. Морам да се докажам на тренинзите и да му се наметнам на Тухел“, додава Дракслер.
Фото: ЕПА