Премиер лигата предложи Евертон да биде казнет со одземање на 12 поени, поради кршење на правилата за профит и одржливост, објавија британските медиуми во средата.
Одлуката во овој случај се очекува на крајот на годината, а доколку се докажат прекршоците кои му се ставаат на товар на Евертон, на „Карамелите“ им претстои многу сериозна казна.
Премиерлигата предложи казна да биде максимална, односн на клубот да му бидат одземени 12 бода.
Случајот моментално е пред независна комисија, а е покренат поради рекордните загуби на клубот во изминатите три години, 371, 8 милиони фунти, што за 105 милиони ги надминува границите поставени од Премиер лигата. За казната ќе одлучува истата комисија.
Од Евертон изјавија дека строго ги почитувале сите правила и дека на секој можен начин ќе ја бранат својата позиција и потсетуваат на исклучоците од правилата кои важеа поради пандемијата на коронавирус.
Доколку Евертон биде казнет, одземањето бодови ќе биде само една од многуте казни што ги чекаат „карамелите“. Евертон исто така би можел да се соочи со забрана за трансфери и голем број други казни, а се очекува Премиер лигата да ги бара сите останати достапни казни.
Ваквиот однос на премиерлигашот може да предизвика паника и во Манчестер сити против кого на почетокот на годината беше покрената истрага за прекршување на 115 правила во период од 14 сезони, а исходот е очекуван и во овој случај.