НБА лигата го подготвува теренот за влез на две нови франшизи.
Со години се зборува за потенцијално проширување на НБА од 30 на 32 клуба, а како што пишува „Фронт офис спортс“, американски портал кој се занимава со спортски бизнис, се чини дека се ќе се разјасни кога ќе биде склучен новиот договор за ТВ правата.
Актуелниот истекува на крајот на следната сезона и НБА веќе работи на нов договор кој ќе биде уште побогат, а се чини дека ќе вклучува уште две франшизи кои само ќе ја зголемат базата на навивачи.
Градовите кои се фаворити пред се Лас Вегас и Сиетл.
Што се однесува до новиот клуб од „градот на гревот“, инвеститор наводно би можел да биде Леброн Џејмс, додека Сиетл ја имаше франшизата од 1967 до 2008 година и потоа правата беа префрлени на Оклахома Сити.
Со оглед на тоа дека овие градови се наоѓаат на Западот, тоа би значело дека некој ќе мора да се пресели на Исток. Според некои информации тоа би можело да бидат Минесота, Мемфис или Њу Орлеанс, а засега нема дефинитивна потврда како НБА лигата ќе го реализира ова.
Покрај овие промени кои не очекуваат во иднина, НБА одлучи и веднаш да го промени форматот на Ол-стар натпреварот.
Натпреварот на „Сите ѕвезди“ ќе се одигра на 18 февруари во Индијанаполис, а по пауза од неколку години повторно ќе гледаме пресметка меѓу играчите на Источната и Западната конференција.
Она што ќе остане исто е процесот на гласање за одредување на Ол-старовите, а се укинува и „неограничениот четврти квартал“ во кој целта е да се надмине одреден број поени.