Новиот МЛС клуб на Дејвид Бекам, Интер Мајами како главна цел за во иднина го има одредено трансферот на аргентинската ѕвезда на Барселона, Лионел Меси, иако тоа ќе биде многу тешко да се оствари, тврди „Дејли мејл“.
Поранешната ѕвезда на Манчестер јунајтед и Реал Мадрид, Бекам, конечно, доби дозвола за планираниот фудбалски клуб во Мајами, и тие ќе влезат во лигата во 2020 година, во која сакаат да имаат барем една голема ѕвезда.
Меси во 2020 година ќе има 33 години и иако трансферот за многу пари во САД може да го заинтересира, тој неколку пати ветуваше дека ќе ја заврши кариерата на „Ноу камп“, иако би сакал да игра уште една сезона во својот клуб од детството, аргентинскиот Њуел олд бојс.
Бекам се надева дека ќе може да го убеди Меси да дојде во Мајами, град со 70 отсто латиноамериканска популација и одлично место за него и неговото семејство.