Top Sport

Драматични победи на Басконија и Анадолу Ефес

Кошаркарите на Басконија и Ефес со драматични победи го отврија седмото коло во Евролигата.

Во Пиреја, Басконија го победи европскиот вице-првак Олимпијакос со 75:74. Меч-винер беше Коди Милер-Мекинтаер кој погоди за два на седум десетинки до крајот.

Избраниците на Душко Ивановиќ во еден момент имаа и 18 поени предност, но ја прокоцкаа и дојдоа во ситуација во последниот напад да ја решаваат својата судбина.

Најефикасен кај Басконија беше Чима Монеке со 20 поени, додека Тадас Седекерскис оствари дабл-дабл со 12 поени и 13 скока. Двоцифрени беа и Маркус Хауард со 11 и Вања Маринковиќ со 10 поени.

Кај Олимпијакос најдобар беше Ајзеа Кенан со 23 поени (16 постигна во третата четвртина) и Алек Питерс со 22 поени.

На вториот меч во Истанбул, домаќинот Ефес прокоцка предност од 18 поени против Жалгирис и мораше да игра продолжение. Во регуларниот дел мечот заврши 74:74, а на крајот Ефес победи со 86:82 благодарение на серија 8:2 во последните 70 секунди.

Вил Клајбурн со 20 поени беше најефикасен кај Ефес, додека на другата страна идентичен поентерски учинок оствари Еванс.

Scroll to Top